ЗАВРШИЈА 46 КАРАМАНОВИ СРЕДБИ

          Деновиве Радовиш пулсираше во духот на 46 Караманови поетски средби на кои присуствуваа поети од  повеќе земји меѓу кои и големиот шпански поет Хусто Хорхе Падрон. Свеченото отварање на манифестацијата започна со изложба на слики од познатиот македонски сликар Ниче Василевски, продолжи со познатите стихови од Ацо Караманов  „Псалм за m-lle Lili“ а со кореографијата „Перон„ на балетското студио Газели, беше најавен големиот шпански поет, кој се претстави со повеќе песни од својот поетски опус, од кои поемата посветена на Македонија предизвика посебни емоции кај радовишката публика. По претставувањето на Хусто Хорхе Падрон од страна на познатата македонска писателка и критичар – проф. Д-р Кристина Николовска на големиот поет со светски глас му беше доделена Европската награда за поезија „Ацо Караманов“.
Првата вечер од Карамановите поетски средби заврши со изведбата на кантатата „Радовидение чиј композитор е: Стојан Стојков а стиховите се на Борче Панов, за што градоначалникот  им додели признание.
Вториот ден активностите продолжија во Библиотеката „Браќа Миладиновци“ Радовиш со „Поетски портрет на Раде Силјан“ за чиј книжевен опус зборуваа Паскал Гилевски и Љубинка Донева.
За добитникот на балканската награда „Ацо Караманов“Валерио Орлиќ,  и за неговиот книжевен опус зборуваше Борче Панов со посебен осврт за книгата „Обележувам ѕвезди “ за која авторот ја доби наградата.
Вечерта „Карамановите поетски средби“ продолжија во Центарот за култура „Ацо Караманов“ со Поетските меридијани каде свој настап имаа сите поети, а воедно беа доделени и Балканската награда за поезија „Ацо Караманов„ на поетот од Хрватска – Валерио Орлиќ, и доделувањето на наградата „Караманов„ за најдобра поетска книга од македонски автор на Даниела Андоновска-Трајковска.  
Третиот ден започна со омаж за големиот македонски поет Матеја Матевски и промоција на книгата „Дождови- 90 песни“. За книгата зборуваше авторот Раде Силјан, но сво излагање за поетот Матеја Матевски имаше и познатиот шпански и светски поет – Хусто Хорхе Падрон – голем пријател на Матеја Матевски.
Потоа беше одржана и промоцијата на наградената книга од македонски автор која годинава ја доби Даниела Андоновска-Трајковска за книгата „Електронска крв“.
Манифестацијата заврши со Поетски меридијани за најмладите – средба на поетите од Полска, Турција, Србија и Бугарија со младите поети од Радовиш.

Галерија